Abstract
<jats:p>Предмет на трудот е соработката на проф. Александар Јерков од Филолошкиот факултет во Белград со Институтот за македонска литература во Скопје, која се одвивала во рамките на проектите: „Феноменот Љубов и неговите креативни импликации во јужнословенските литератури на XX век“ и „Сродности меѓу современата македонска и балканските литератури (реално – имагинарно)“ пред повеќе од дваесет и пет години. Како повод на ова навраќање е доделувањето на наградата Златна книга за 2024 год. на колегата Јерков од страна на најстарата српска книжевна, културна и научна институција – Библиотеката на Матица српска. Во трудот подробно се претставени неговите три теориски студии објавени во одделни зборници, од кои првите два се посветени на темата љубов, додека во фокусот на третата е проблемот на вистината во епохата на модернизмот. Преку своевидна рефлексија, својствена за неговата аналитичка природа, тој доаѓа до повеќе релевантни заклучоци од кои ги потенцираме: отсуството на љубовта во книжевноста на XX век; потрагата по неа, која потсетува на потрагата по неможното и парадоксалната природа на модернизмот, кој самиот себеси се мистифицира и се преведува во мит. Во трудот се задржуваме и на дилемата од потребата на новото читање на романот „Она што беше небо“ на Владо Малески предлагајќи кон него да се пријде преку различни дискурси, кои се само најавени. Во трудот е презентиран и неговиот став за раѓањето на националната драма од духот на културата, изведен преку компаративна анализа на развојните почетоци на македонската и на српската драма. На крајот од трудот се потенцирани основните елементи што го сочинуваат Јерковиот остар критички ум, како што се: љубопитниот дух, насочен кон една поширока филозофско-културолошка рамка, во која ги поставува содржината што ја обработува и долгиот комплексен исказ, кој честопати е проткаен со иронија.</jats:p>