Abstract
<jats:p>Овој текст содржи превод од латински на македонски јазик и коментари на осмата книга од делото Историја на природата на Плиниј Постариот. Делото Историја на природата е единственото зачувано дело од Плиниј и претставува една голема ризница на знаење, составена од 37 свитоци во кои е вклучено сето дотогашно знаење за природата. Осмата книга е посветена на копнените животни, на нивните карактеристики, на нивниот начин на живот, исхрана, развој и активности, како и на нивната улога во фармакологијата. Овој труд содржи превод на првите дванаесет дела од осмата книга и заокружува една целина што се однесува на најголемото копнено животно – слонот. Преводот на ова обемно ерудитно дело е огромен предизвик и речиси невозможна мисија за еден преведувач поради неговата обемност и тематска шареноликост, но на глобално ниво недостасуваат преводи и на посебните книги од делото. Делото Историја на природата се смета за првата енциклопедија во светот и за најдобро организирано дело за консултирање од антиката, па оттаму потекнува потребата за овој обид да биде повторно достапно и преведувано, како значајно дело од римската литература и еден од најважните текстови во историјата на науката, кој на современиот читател, врз основа на принципот на анализа, му нуди значаен увид во светогледот и сфаќањата на античкиот човек и во античката култура воопшто.</jats:p>